Во ерата на цврстиот комунистички систем, на 19 Август 1954 година Боривоје Кајевиќ ја основал и ја запишал во регистарот на претпријатија својата приватна металостругарска работилница . На почетокот во работилницата се вработени 2 работника и 2 ученика на пракса.
Првите производи биле машини за производство на тврди бомбони, локум и таан алва. Од 1956
година започнува со производство со преработка на дрво. Заради ограниченоста да се вработат само три квалификувани работници, Боривоје ја претворил својата работилница во центар за обука на ученици во стопанството. Неговата желба за создавање кадри од неговата дејност, му овозможила легално да има многу повеќе работници. По земјотресот изградена е нова работилница квалитетно опремена за вршење на трите основни дејности: леење, металостругарска и машинобраварска. Од 1966 година почната е нова производствена програма на мелници за интегрално брашно и разни видови на сточни брашна. Бројот на квалификувани работници е пет, а ученици во стопанство 25. Во 1970 година изградена е нова работилница во населба Маџари која во тоа време претставува најмодерно уредена приватна работилница во Македонија. Во новата работилница бројот на квалификувани работници нараснува на 10, а од 1973 година престанува да има ученици во стопанство, затоа што во училиштата е прекината практичната настава. Тоа донело до катастрофални кадровски проблеми во занаетчиството и стопанството. Во 1976 година повторно се врши измена во производствената програма, се отпочнува со производство за мелници за кафе и зачини. Честите промени на производствениот асортиман и постојано да се биде прв со нов производ ја води фирмата кон се поголеми успеси.
Во 1978 година Љупчо Кајевиќ, син на Боривоје се вклучува како партнер во занаетчискиот дуќан. Во производствената програма се додаваат печки за кафе, сушари и мелници за зачини. Сите фабрики во поранешна Југославија што произведувале “Вегета”, ја изработувале на машини “БОРО”. Во овие години на заедничко работење таткото и синот постигнуваат големи успеси. Произведени се илјадници мали мелници за мелење на кафе во продавници. Постепениот развој доведува до производство на комплетни фабрички постројки за преработка на храна. Заштитниот знак станува синоним за квалитет во поранешна Југославија и на балканот и занаетчискиот дуќан го добива слоганот “Квалитетот е наша традиција”.
Во 26 фабрики за преработка на кафе во поранешна Југославија и денеска успешно работат машините “БОРО”. Од 1988 година фирмата започнува со нова цел : работи локално , а размислувај глобално, така започнуваат и првите извозни дејности на фирмата “БОРО”. Мелницата за кафе за работа во маркети Тип -150 В е извезена во сите европски земји, САД, Австралија, Чиле. До пензионирањето на Боривоје Кајевиќ на 1.1.1995 година, оваа работилница прераснува во ценета мала фабрика која ги задоволува сите ЈУС и ДИН стандарди. Распаѓањето на Југославија и променета на политичкиот систем ја носи фирмата во голема криза, но зајакнување на извозните дејности и со отпочнување на нови производи – леана украсна урбана опрема повторно доаѓа до израз на сериозноста и квалитетот на “БОРО”.
Со своите канделабри ги разубави Широк Сокак и Безистенот во Битола, чаршијата на градот Неготино и Гевгелија, плошдатод во Скопје (2004 година), а посебна гордост е осветлувањето на дворот на председателската палата во Скопје.
Во април 2000 година Боривоје Кајевиќ починува на само 69 години. Создавајќи за себе во социјализмот, воведувајќи нови производи и начела во фирмата остава длабоки траги според кои сме водени до денешен ден. Од 1954 година низ фирмата “БОРО” поминале и се квалификувале повеќе од 150 ученици во стопанство и барем 100 високо квалификувани мајстори. Боривоје Кајевиќ постојано велеше : “Мојата фирма е најголемо биро за вработување”.
Произведени се повеќе од 8000 илјади разни машини на кои се вклучиле активно да работат повеќе од 15.000 луѓе.
Цело време заедно со својот татко, сега неговиот син Љупчо продолжува со работењето и во транзициските времиња успеа да ја сочува и надгради фирмата “БОРО”.
Во 2012 и 2014 фирмата кадровски се зајакнува со двајца млади инженери, Боро Кајевиќ – машински инженер и Благоја Кајевиќ – електро инженер. Со нивното вклучување како трета генерација сопственици знакот за квалитет продолжува да живее и јакнее. Слоганот “Квалитетот е наша традиција” и политиката на фирмата : работи локално, размислувај глобално сигурно ќе не води во нови успеси.
Од 1978 година до денес успеав да ја сочувам, унапредам и зајакнам фирмата “БОРО”,а најголем успех и среќа за мене е што моите синови ќе продолжат да ја водат фирмата “БОРО” и понатаму.
Љупчо Кајевиќ